1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Македонија: Смена на власта е извесна

6 мај 2024

Македонија на 8 мај ќе гласа на парламентарни и претседателски избори кои ќе одредат дали земјата ќе остане на патот кон членство во ЕУ и ќе го одржи кревкиот мир меѓу двете најголеми етнички заедници.

https://p.dw.com/p/4fYOf
Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ Македонија
Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се фаворити на изборите на 8 мајФотографија: Petr Stojanovski/DW

Предизборните анкети и резултатите од првиот круг на претседателските избори одржани на 24 април укажуваат на убедлива победа на опозициската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, 70-годишна професорка по право во пензија, имаше двојно повеќе гласови од актуелниот претседател на државата и кандидат на владејачките Социјалдемократи, Стево Пендаровски кој освои помалку од 20 проценти, односно 180.000 гласови.

Незадоволни од закочениот процес на пристапување кон ЕУ, слабата економија и сеприсутната корупција, голем број граѓани се одлучија да ја поддржат кандидатката на опозицијата во првиот круг на претседателските избори кој, според аналитичарите, е латмус тест за она што ќе следи во вториот круг, но и на парламентарните избори в среда.

„Мислам дека промена на власта е многу веројатна. Промената на власта се должи пред сѐ на тоа што владиниот биланс е катастрофален во многу области. Корупцијата и нефункционалноста на државата може да се видат насекаде,“ изјави за Дојчландфунк, Даниел Браун, шеф на канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, која важи за блиска до ВМРО-ДПМНЕ.

Неисполнети ветувања  

Социјалдемократите ја презедоа власта во Северна Македонија во 2017 година, ветувајќи членство во НАТО, почеток на пристапните преговори со ЕУ и борба против корупцијата. Две од трите ветувања не беа исполнети. Македонија стана членка на НАТО во 2020 благодарение на компромисот со Грција по кој земјата додаде „Северна“ во своето уставно име.

Тешкиот компромис со јужниот сосед, кој ги разбуди националистите во Северна Македонија, сепак не ги отвори вратите на ЕУ за малата балканска држава од 2 милиони жители. Во ноември 2020 година друг сосед- Бугарија стави вето на почетокот на преговорите со ЕУ, барајќи историски и културни отстапки за кои многу Македонци сметаат дека директно задираат во нивниот идентитет. 

Македонија
Според Светска Банка, Северна Македонија ќе ја заврши 2024 година како земја со најмал економски раст во регионотФотографија: Petr Stojanovski /DW

Спорот беше само делумно надминат откако во јуни 2022 година, со посредство на Франција, беше постигнат договор со кој бугарските барања влегоа во Преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ. Новиот услов за целосно отворање на преговорите со ЕУ беше Северна Македонија да го вметне малото бугарско малцинство од 3.000 луѓе во Уставот како конститутивен народ.

За промена на Уставот се потребни две-третини од гласовите во 120-члениот парламент во Скопје. Владата на Социјалдемократите и најголемата партија на етничките Албанци во земјата, ДУИ го немаше потребното мнозинство и преговорите со ЕУ останаа на слеп колосек. Националистичката опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ жестоко се спротивстави на новиот компромис и го искористи чувството на загрозеност на етничките Македонци како платформа за мобилизација против владата. Од помош во таа кампања и беше и неспособноста на владата да ја извлече земјата од економската стагнација, високата инфлација и сеприсутната корупција. Според Светска Банка, Северна Македонија ќе ја заврши 2024 година како земја со најмал економски раст во регионот на Западниот Балкан и со најголем буџетски дефицит.

„Македонија повторно горда"  

Опозицискиот лидер, 46-годишниот Христијан Мицкоски, кој сигурно ќе седне во премиерската фотелја, доколку се остварат прогнозите за убедлива победа на неговата ВМРО-ДПМНЕ на изборите, на гласачите во кампањата им ветува дека „повторно ќе им ја врати Македонија“. Тој ја презеде партијата во 2017 година, откако неговиот претходник Никола Груевски беше обвинет за корупција и побегна во Унгарија каде е под закрила на премиерот Виктор Орбан.

Мицкоски, како и претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, одбиваат да ја користат придавката „Северна“ во името на земјата, и најавуваат дека тоа ќе го прават и откако ќе ја преземат власта. Таквиот потег би можел повторно да ги разгори конфликтите со Грција, која изминатите години во повеќе наврати реагираше кога државни функционери не се придржуваа до компромисот од 2018 година.

„Ќе го почитувам, но нема да го употребувам (името Северна Македонија)“, изјави Сиљановска-Давкова за време на една дебата во кампањата.

Христијан Мицкоски Гордана Сиљановска-Давкова Македонија
Се очекува Христијан Мицкоски да биде новиот премиер, а Гордана Сиљановска-Давкова претседателка на државатаФотографија: Boris Georgievski/DW

Мицкоски, чија партија во изминатите две години одбиваше да го прифати компромисот со Бугарија, е резервиран по прашањето за вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот што треба да ги отклучи пристапните преговори со ЕУ. Неговиот одговор во кампањата е дека за тоа прашање ќе се прават анализи откако ќе се формира владата.

Но, за разлика од споровите со Грција и Бугарија кои не привлекуваат големо внимание во текот на кампањата, одлуката на Мицкоски да влезе во директен судир со најголемата и, досега, владејачка партија на албанската етничка заедница во земјата, ДУИ ги заживуваат стравовите од нови етнички поделби во земјата. 

Мицкоски веќе најави дека нема да и дозволи на ДУИ да влезе во владината коалиција по изборите, без оглед дали таа партија ќе победи во албанскиот етнички блок, затоа што ја смета за корумпирана. Таквата негова порака е засилена со слоганите во неговата кампања: „Македонија повторно твоја“, и „Македонија повторно горда“, кои многу потсетуваат на слоганот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2016 година: „Америка повторно голема“.

Судир со ДУИ  

Од 2017 година кога коалицијата на Социјалдемократите и ДУИ ја презеде владата, етнички Албанци беа избрани за претседател на парламентот, министер за надворешни работи, па дури и како технички премиер во последните три месеци од мандатот на оваа влада. Ваквата распределба на функциите ги разбуди обвинувањата за „албанизација на државата“ меѓу македонските националисти. 

Бујар Османи Македонија
Бујар Османи ги оцени слоганите на ВМРО-ДПМНЕ на изборите како „шовинистички“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

За претставниците на ДУИ, слоганите на ВМРО-ДПМНЕ во кампањата се директна порака до гласачите дека на највисоките функции во државата не треба да има етнички Албанци. Министерот за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи ги оцени слоганите на ВМРО-ДПМНЕ како „шовинистички“ и „неприфатливи во една мултиетничка држава", и побара реакција од јавниот обвинител.

Во обид да го намалат незадоволството кај албанската етничка заедница, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека во идната влада ќе влезе втората по големина албанска политичка коалиција, Вреди составена од повеќе мали опозициски партии на етничките Албанци.

Неуспешна кампања  

По тешкиот пораз во првиот круг на претседателските избори на 24 април владејачките Социјалдемократи продолжија со слоганот „Не се откажуваме од европската иднина". Но, анкетите засега укажуваат дека нивните пораки не допираат до гласачите кои се уморни од компромиси со соседите и неизвесната иднина во ЕУ, велат аналитичари.

Како што изјави за ДВ Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, во кампањата „владата ставила сѐ на една карта“, алудирајќи на уставните измени и почетокот на преговорите со ЕУ, а „ги запоставила сите други важни прашања, особено борбата против криминалот и корупцијата, кои и од граѓаните и во меѓународни извештаи се нотираат како голем проблем." 

Стево Пендаровски Димитар Ковачевски Македонија
СДСМ премногу се фокусираше на ЕУ, а ги заборави другите теми, велат аналитичари. Стево Пендаровски и Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski

Поранешниот премиер и претседател на Социјалдемократите, Димитар Ковачевски во кампањата „се извини“ за грешките кои биле сторени во изминатите години, но предупреди дека земјата би можела да се оддалечи од европскиот пат, доколку победи опозицијата.

„Овие избори ќе ја определат иднината на Македонија- дали ќе продолжиме напред кон прогресивно општество, кон ЕУ, или ќе се вратиме назад во минатото кога имавме изолација и меѓуетнички конфликти“, порача Ковачевски.

На таквата опасност предупредува и Улф Брунбауер, научен директор на Лајбниц-Институтот за источна и југоисточна Европа во Регенсбург, Германија, кој смета дека исходот на изборите во Северна Македонија ќе биде „доказ за геополитичката слепост на ЕУ", алудирајќи на тоа дека и по 20 години откако стана кандидат, земјата се уште формално не ги започнала преговорите за полноправно членство во ЕУ.

„За ЕУ оваа прогноза е срамота“, напиша Брунбауер во коментар.
„Се заканува обновување на етнички конфликти, уште една земја од Западен Балкан би можела да се сврти кон исток, додека Брисел целосно го проигра својот кредибилитет како стабилизирачки фактор во овој регион исполнет со тензии. Очигледно, актерите во ЕУ сè уште не ја разбрале експлозивната геополитичка динамика на Балканот."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи