1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Демонстрации во Дрезден по напади врз политичари

Тагесшау | ЕМФ
6 мај 2024

По нападот врз политичар од СПД, неколку илјади луѓе во Дрезден демонстрираа против насилство. Претходно, 17-годишник го призна делото.

https://p.dw.com/p/4fX79
Демонстрации во Дрезден против насилство
Демонстрации во Дрезден против насилствоФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

По нападот врз политичарот од СПД, Матијас Еке, околу 3.000 луѓе во Дрезден демонстрираа за демократија и против насилство. Тие се собраа во населбата Штризен, каде Еке во петокот (3.05) беше претепан од четири млади момчиња додека закачувал изборни плакати. Непосредно пред тоа, истата група наводно нападнала и повредила 28-годишен соработник во кампањата на Зелените.

Заменик-претседателката на Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт (Зелени) на почетокот на демонстрациите во Дрезден рече дека Источна Германија се борела и ја освоила демократијата во 1989 година: „И ние нема да попуштиме пред оние кои ја презираат демократијата.“

На протестите во Дрезден учествуваше и шефицата на СПД, Заскија Ескен. Во изјава непосредно пред почетокот на демонстрациите, таа предупреди нападот на Еке да не се банализира како чин на поединец. „Многу е јасно дека оваа подготвеност за употреба на насилство не паѓа од небо“, рече Ескен. Според неа, тоа е поврзано со семето на социјална поделеност и пораките на презир кон демократијата што доаѓаат од АфД и другите десничарски екстремисти во Германија. Тоа, порача Ескен, нема да се толерира.

Дрезден Матијас Еке плакат
Плакат во Дрезден на кој е прикажан политичарот од СПД, Матијас ЕкеФотографија: Robert Michael/dpa/picture alliance

17-годишник го призна нападот

Матијас Еке по нападот се чувствува релативно добро со оглед на околностите, се вели од неговата партија. Тој беше опериран во текот на вчерашниот ден (5.05), изјави лидерот на саксонскиот огранок на СПД, Хенинг Хоман. Еке се здобил со скршеница на јаболчната коска и очниот отвор, како и хематоми на лицето.

Вчеравечер осомничениот напаѓач се предал во полиција. Според Криминалистичката служба на покраината Саксонија, станува збор за 17-годишник кој признал дека го нападнал политичарот од СПД. Момчето не е во притвор бидејќи не се претпоставува оти ќе побегне. Според Криминалистичката служба, потрагата по уште тројца осомничени сѐ уште трае. Се вели дека сите осомничени се момчиња на возраст меѓу 17 и 20 години.