1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Единство во разноликоста меѓу Лутеранските цркви

Средбата на Светскиот сојуз на Лутеранските цркви во Штутгарт заврши со помирлив тон, наспроти острите дебати околу хомосексуалноста и жените-свештеници. Сојузот застапува 115 цркви со преку 70 милиони верници.

Единство во име на реформаторот: статуа на Мартин Лутер во градот Витенберг

Заканата од поделба, што се надви над делегатите на 11. светски конгрес на Лутеранските цркви во Штутгарт, сепак беше надмината - барем привремено. Сведок за помирливиот тон наспроти сите конфликтни теми е и завршната декларација, во која се нагласува единството во разноликоста. „Иако копнееме по единство, знаеме дека основата на нашата заедница не е тоа што имаме исто мислење, туку тоа што имаме заедничка вера.“

Проблем со хомосексуалноста

Богослужба на отворањето на Конгресот во Штутгарт

Оваа дипломатска формулација се однесува пред се’ на проблемот со хомосексуалноста во редовите на Лутеранските цркви ширум светот. Ставовите во црквите членки се толку различни и спротивни, што на моменти имаше остри дебати меѓу делегатите. Тоа што на крајот оваа тема не доведе до раскол може да и’ се заблагодари на политиката на претседателот и на генералниот скеретар на Светскиот сојуз на Лутеранските цркви. Тие успеаа да се пробијат со постојаното укажување на постоечкиот дијалог на оваа тема во институциите на Светскиот сојуз, што треба да донесе заклучоци до 2012 година. Значи, решението на проблемот со хомосексуалноста е фактички одложен за иднина.

И со жените свештеници

И по втората крупна тема што ги возбуди духовите, имено жените во улога на свештеници, победи дипломатијата: „Црквите треба да предничат. Ако во црквите се воспостави нов модел на односите меѓу половите, тогаш тоа може да помогне за истиот процес во целото општество. Бараме од Светскиот сојуз на Лутеранските цркви да го олесни и поддржи контактот со жените свештеници.“

Завршната декларација од еднонеделниот конгрес во Штутгарт содржи јасни пораки за клучните предизвици на модерното време што го карактеризираат алчност и неправда. Така Лутеранските цркви бараат не само надминување на гладот во светот, туку и праведност во меѓучовечките односи, како и заштита за целата Божја творба.

Бискупот Муниб Јунан на средбата во Штутгарт

Храброст и за самокритика

Делегатите на конгресот апелираат да се намали количеството на штетни гасови во атмосферата за 60% од нивото во 1990 година и тоа во наредните 10 години. Тие остро протестираат против фактот што од економски причини се фрла речиси половината од произведените прехранбени производи. Што се однесува, пак, до сидата, Лутеранските цркви дури покажуваат готовност на самокритика. Црквата е дел од проблемот, бидејќи во некои од членките исто има примери на стигматизирање и дискриминација на заболените од сида. Неопходно е уште повеќе ангажман во надминување на предрасудите, се бара во завршната декларација.

Автор: Зилке Арнинг/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска

Повеќе од оваа рубрика

Слушајте Дојче веле

Култура

Прочуениот меѓународен филмски фестивал во германската престолнина годинава се оддржува по 62-ри пат од 9-ти до 19-ти февруари.