1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Сто дена самотија

Денеска (10.02.2010) во Европскиот парламент на дневен ред е расправата за надворешната и безбедносна политика на Унијата. Таму е и новата координаторка на европската надворешна и безбедносна политика, Кетрин Ештон.

Кетрин Ештон при посетата на Сараево

За поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер се раскажува легендата дека толку многу патувал преку Атлантскиот океан за да го подготви повторното германско обединување, што во еден момент се видел самиот себе си како лета во друг авион во спротивната насока. Новоименуваниот главен европски дипломат, Британката Кетрин Ештон, на која денеска и’ се навршуваат 100 дена на функцијата, за такво нешто може само да сонува. Таа, имено, уште се бори со предрасудите во Брисел и другите европски метрополи дека не и’ е дорасната на одговорната функција. На почетокот се обиде да контрира:

„Дали сум ’его на нозе’? Не, не сум тоа. Оценувајте ме според она што го правам и ќе бидете задоволни, па дури и горди на мене“, порача борбено средовечната Британка, која претходно ја извршуваше функцијата еврокомесар за трговски прашања.

Двоен аршин

Во меѓувреме, се чини дека ни Кетрин Ештон не е толку многу уверена оти најдоброто што може да го стори е доволно за важната функција. Во јавните настапи таа се’ почесто влегува во дефанзива и се бори против критиките, на пример дека не се појавила на време на Хаитите по катастрофалниот земјотрес или пак, дека го промашила

Ќе се снајде ли на лизгавиот паркет во Брисел? Кетрин Ештон

состанокот на министрите за одбрана на ЕУ на Мајорка. „Ќе разберете дека секој ден можам да посетам само три до четири настани. Дента кога не бев на Мајорка ги посетив Москва, Киев, Мадрид и Брисел.“

Меѓутоа нејзините критичари не и’ даваат мир и посочуваат дека во Киев на пример, на инаугурацијата на новиот украински претседател, можел да отпатува и новиот претседател на ЕУ Херман ван Ромпoј. Тоа што тој дента држел некакво предавање во градот Бриж, меѓутоа, никој не го користи за напад. Ван Ромпoј, имено, освен тоа што е поранешен премиер на Белгија, му припаѓа и на конзервативниот табор, кој моментално во Европа е во мнозинство. Неискусната британска социјалдемократка за разлика од него се наоѓа под присмотра и често трпи остри критики. Во Брисел се зборува дека ваквите непријатни забелешки доаѓаат пред се’ од Париз.

„Мачо дриблизни“ во Брисел

Но, и шефот на Европската комисија, конзервативецот Жозе Мануел Барозо се чини не и’ е наклонет на Ештон. Тој влече многу потези кои ја заобиколуваат. Европратеничката од редовите на Зелените, Франциска Братнер веќе ја сожалува Кетрин Ештон: „Мачо типовите кои ја поставија на оваа функција сега се радуваат што не мора да се расправаат со некоја силна машка фигура. Европскиот совет и Комисијата во тој поглед играат на иста карта, имено - против Кетрин Ештон.“

Она што, сепак, влева надеж е дека Ештон во меѓувреме почнала да се дружи со луѓе кои добро го познаваат теренот во Брисел и можат да и’ помогнат посуверено да ја извршува ионака тешката и чувствителна задача - прв човек на европската дипломатија.

Автор: Катрин Бранд / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Повеќе од оваа рубрика